Од 1 јули се воведува забрана за движење во шумите која ќе трае до 31 август. По барање на ЈП Национални шуми, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство воведе забрана која е целосна, односно 24 часовна. Тоа се должи поради зголемената опасност од појава на шумски пожари од високите температури кои минатата година направија големи штети.
Движењето ќе биде дозволено единствено со писмено одобрение издадено од подружниците на ЈП Национални шуми за подрачјето со кое стопанисуваат/управуваат.
За спроведување на забраната одговорни се вработените од ЈП Национални шуми кои вршат дејност заштита, Шумската полиција и МВР.
За непочитување на оваа забрана на физичките лица кои ќе бидат затекнати дека се движат во шума и шумско земјиште, согласно член 106 од Законот за шумите, ќе им биде изречена парична казна од 1500 до 2000 евра.