Од рано утрово екипи на „зимската служба“ при ЈПКД „Комуналец“ со механизација се на терен за расчистување на снегот, кој паѓа на територијата и на општина Струмица.
Како што не информираше Бранко Ѓоргиев, раководител на Одделението за „Комунална хигиена“ и „Зимската служба“ при струмички „Комуналец“, четири возила се на терен, еден камион со плуг за расчистување на снегот, два трактори со плуг и циклони и еден трактор со циклон со сол интензивно работат на расчистување на уличната мрежа и фрлање сол низ градот. Опфатени се сите улици во градот Струмица. До овој момент фрлени се околу 1,5 тон сол. Околу 25 вработени во „Комуналец“ се ангажирани за рачно чистење на тротоарите во градот.
Екипи на „Комуналец“ се и надвор од градот, ги расчистуваат патиштата кон населените места. Кон Вељуса е исчистен патот, кон Раборци, кон брана Водоча, во моментот се продолжува кон Рич, иако, како што вели Ѓоргиев е обврска на ЈП „Македонија пат“. Се чисти и патот до комплексот „Цареви кули“, Попчево и во самото село.