Струмица е подготвена за одржување на 14-то издание на познатата манифестација „Струмица Опен Фестивал“, која годинава ќе се одржува од 15 јули до 13 август, под мотото „Мозаик од емоции“.
Првите седум вечери ќе бидат претставени како културни настани – фолклор, поезија, книжевни работилници, театарски претстави, афоризми, читање на отворено и ретроспектива на старите времиња. Утрешната прва вечер е посветена на македонскиот фолклор со концерт на играорците од „Фолклорна низа“.
Последните три фестивалски вечери, на 11, 12 и 13 август ќе бидат главните музички вечери на кои ќе настапат познати македонски уметници и групи како што се: Битолски камерен оркестар со проектот „MTV 80s & 90s Greatest Hits“, Тамара Тодевска, Каролина Гочева, Yu For You, симпатичниот тандем Анастасија и Никола, Ана &The Girls и The Ringtones. Во рамките на овие три музички вечери ќе се одржи завршнот концерт на традиционалната Летна школа за гитара под менторство на професор Васко Пиличев, која од оваа година ќе го носи името на трагично загинатиот млад музичар во пожарот во Кочани, струмичанецот Џоко Ѓоргиев.
Основач и организатор на фестивалот е „Здружението Културен забавен живот“ од Струмица, под покровителство на Општина Струмица.