И годинава, традиционално на Денот на независноста на Македонија, 8-ми септември стартува уште едно издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“, годинава по 31-ви пат. Фестивалот ќе се одржува до 13-ти септември на сцените во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица.
Завесата на ФКТ „Ристо Шишков“ ќе ја кренат актерите од Велешкиот театар „Ј.Х.Џинот“ со претставата „Татко“ од Флоријан Зелер, во режија на Ненад Витанов.
Фестивалското жири, кое ќе одлучува за единствената награда на највисоко актерско остварување „Ристо Шишков“, кое се состои од златен медалјон со ликот на Ристо Шишков и парична награда во износ од 1.500 евра, ќе го предводи минатофодишниот лауреат, актерката Дарја Ризова, писателот и професор на ФДУ, Иван Додовски и актерката Мими Таневска.
Како дел од програмата на фестивалот на 12 септември е планирана и промоција на книгата „Аспекти на камерниот театар“ од Тодор Кузманов и Гоце Ристовски, а промотор ќе биде Јоана Шишкова.