Од ЈПКД „Комуналец“ Струмица велат дека контејнерите за примарна селекција на отпад што беа поставени низ градот од комуналното претпријатие, со цел да помогнат на домаќинствата во примарната селекција на отпад која според законот се должни да ја прават, за жал ја немаат својата функција, бидејќи во нив се фрла секаков вид на отпад, а некои од нив по само месец дена се скршени.
„Покрај нашата секојдневна работа, незаинтересираноста на граѓаните, многу ниската еколошка свест и непочитувањето на законите допринесуваат секојдневно да имаме повеќе губре, повеќе диви депонии. И покрај објаснувањето дека сините контејнери се исклучиво за хартија, а жолтите само за ПЕТ пластика, нашите граѓани, со исклучоци на некои, го игнорираат законот за примарна селекција на отпад. Со таквото индолентно и незаинтересирано постапување кон животната средина остануваме да го живееме животот во ѓубрето што сами си го создаваме“ – велат од ЈПКД „Комуналец“.
Тие упатуваат молба до граѓаните правилно да ги користат контејнерите и во нив единствено да одлагаат отпад по вид од категоријата на картон и хартија и пластична амбалажа која го содржи знакот за рециклирачки отпаден материјал, како и отпад од пластика кој не содржи никакви други примеси.