Според најавата на Управата за хидрометеоролошки работи, денеска попладне и тоа поради влијанието на моќниот Џеновски циклон, од запад ќе започнат обилни врнежи од дожд, како и во текот на ноќта кон сабота, но и во сабота ќе се прошират насекаде низ Македонија и локално ќе бидат проследени со грмежи.
На многу места ќе наврне значително количество на воден талог (над 30 л/м² воден талог, локално и над 50 литри дожд).
Не се исклучува можноста за локално поголемо невреме со олуен ветер, силни електрични празнења, обилни врнежи од дожд, па дури и со појава на град.
Во следниот период ќе дува засилен, повремено силен ветер од јужен правец (локално со брзина од 60 до 80 км/час).
Од Противпожарната единица на Струмица апелираат до граѓаните доколку имаат потреба и чувствуваат било каква загрозеност, веднаш да се јаваат на телефонскиот број 193 или 112 (Центар за управување со кризи).
ТППЕ Струмица е подготвена да одговори со сите расположливи човечки и материјални капацитети.
Од ЈПКД „Комуналец“ Струмица информираат дека согласно програмата за есенско чистење навремено изврши редовно чистење на уличните сливници и решетки за атмосферска канализација. Но ги молат граѓаните за совесно однесување и да не се фрла тврд и друг отпад во истите, со што ќе се допринесе за навремено собирање и одвод на атмосферските води од улиците на градот.