Од вечерва до 8 август во Амфитеатарот во Струмица од 20:30 часот ќе се прикажуваат филмови, како дел од програмата на годинашното 18-то издание на меѓународниот филмски фестивал „Астерфест“, а во знакот на новите тенденции во кусометражниот, документарниот и авторскиот филм.
23 кратки играни филмови, документарци и анимации, ќе се прикажуваат во петте ноќи и сите ќе се натпреваруваат за златна, сребрена и бронзена „Потковица“, како и за неколку други награди што ги доделува „Астерфест“.
Официјалното стручно жири го сочинуваат: Гоце Ристовски, Дрита М. Фазлија и Мили Чумиќ.
Добитник на наградата „Астер 2023“ за животно дело е легендарната Каталин Ладик, филмска и театарска актерка и писателка, една од истакнатите, плодните и наградувани претставнички на алтернативната изведувачка уметност во поранешна Југославија и во Унгарија и една од влијателните европски уметнички во последните децении.
„Фестивалот влегува во една мошне зрела фаза и пред нас е 18-то издание. Дојдовме до моментот кога како филмски работници мораме да го чуваме, негуваме и одбраниме трендот на „Астерфест“, затоа што во една какафонија од манифестации и фестивали од секаков вид и карактер, „Астерфест“ ја заслужи таа доблест, која ја започна од самиот старт да открива нови мултикултурни кинематички простори. Ние останавме доследни на нашето кредо, на нашиот генерален концепт и секако на физиономијата на фестивалот“, кажа Горан Тренчовски, основач и уметнички директор на „Астерфест“, на прес конференцијата пред стартот на фестивалот.