Финалето во македонската машка одбојка ќе биде конкурентно како ретко кое во последните неколку години. Одбојкарите на „Штип УГД“ израмнија во серијата против „Струмица 47&72“, откако го добија синоќешниот натпревар во својата сала со 3:1 (30:28, 17:25, 25:20, 25:21). Освојувачот на годинашниот куп ја искористи предноста, а тоа значи дека во битката за тронот ќе има уште најмалку два натпревари затоа што пехарот ќе го освои екипата којашто прва ќе оствари три победи.
Наредната средба е во Струмица, на теренот на составот со девет титули од 2012-та досега. Неприкосновениот тим во македонската одбојка во последната деценија сезонава има биланс 4-2 против ривалот во лигашкото финале, но за да го одбрани тронот и да му се реваншита на „Штип УГД“ за одземениот пехар во купот, треба да слави уште двапати. Првата шанса ќе ја има вo понеделник, а доколку штипјани направат „брејк“, тогаш ќе имаат меч-топка пред своја публика.