Пред Споменикот на загинатите бранители Атанас Јанев и Кољо Китанов на булеварот „Маршал Тито“ во Струмица, денеска беше одбележана 22-годишнина од загинувањето на младите македонски бранители, Атанас Јанев од Струмица, специјалец во ПЕП, учесник во воениот конфликт во Република Македонија во 2001 година, кој загина на 23 јуни 2001 година во битката за Арачиново на возраст од 25 години и Кољо Китанов од Сарај, кој беше убиен на 6 јуни 2001 година на неполни 20 години од терористичка банда во близина на тетовското село Гајре.
Членови на семејствата Јаневи и Китанови, членови на Советот на општина Струмица, претставници на СВР Струмица, на борците и други почитувачи положија свежо цвеќе пред Споменикот, а за животот и делата на трагично загинатите бранители зборуваше Танкица Трендова, член на Советот на општина Струмица.
„Во еден ист месец, во таа морничава 2001 година, згаснаа соништата на двајца млади бранители од Струмица и струмичко. Тие соништа никогаш не го дочекаа своето јаве, па токму затоа, ние, нашата Струмица и нашата македонска татковина, должни сме да ги чествуваме имињата на Атанас Јанев и Кољо Китанов и да го чуваме и негуваме споменот за нив. Во нивна чест, пред 16 години, Општина Струмица го подигна овој споменик како сведоштво за нашиот незаборав. Споменикот во форма на жена-пеперутка, како симбол на повторното раѓање и новиот живот, нека биде фениксот кој се издигнува од пепелта и продолжува да живее, како што живее споменот на нашите двајца бранители, носители на Медалот за храброст“, кажа Трендова.
Во чест на бранителите Јанев и Китанов, беше изведен и рецитал од рецитаторите при Домот за деца и млади „Благој Јанков Мучето“ од Струмица.
Атанас Јанев е роден на 23 август 1976 година во Струмица. Неговата фамилија потекнува од струмичкото село Мокриево. Во детството секогаш сакал со постарите да муабети и да слуша за минатото на својот народ и земја. Уште тогаш го имал патриотскиот дух. При секое минување низ градскиот плоштад, застанувал и се поклонувал пред споменикот на Гоце Делчев, не претпостувајќи дека и самиот ќе го прифати татковинскиот позив и ќе замине на бранителската задача. Премногу го почитувал и споменувал ликот и делото на Гоце Делчев. После полнолетството, Атанас имал силни желби да и служи на татковината и да се приклучи во специјалците. Откако е вработен како полицаец, тој брзо напредувал и станал припадник на струмичката Посебна единица на полиција. Кога започнал воениот конфликт во 2001 година, го прифати татковинскиот позив и останаа достоен и верен на заклетвата. Неколку месеци пред да почне војната во 2001 година, во декември 2000 година тој стапил во брак со неговата сопруга Зорица, која веќе била бремена и очекувале прво дете. Атанас не доживеа да си го дочека и да го фати во раце своето чедо, кое денес го носи и неговото име, Атанас, има 22 години и присуствуваше на денешниот помен во чест на неговиот татко. Атанас Јанев загинал во битката за Арачиново на денешен ден, 23 јуни 2001 година.
Кољо Китанов е роден на 2 септември 1981 година во струмичкото село Сарај. Кољо во себе носеше комитска крв и беше патриотски настроен. Неговиот прадедо бил соработник на Даме Груев и сведок на неговото убиство кај Петлец, близу Русиново, беровско. Неговиот дедо Јаким Китанов за време на Втората светска војна активно се борел против балистичките чети на Шар Планина, каде што неговиот внук ќе загине во 2001 година на 20-годишна возраст. На 6 јуни 2001 година, Кољо е убиен од терористичка банда во близина на тетовското село Гајре, заедно со неговиот старешина, водникот Исак Руфати. Беа пречекани во заседа и изрешетани во военото „пик-ап“ возило со кое носеле храна до своите колеги на Шар Планина.