Општина Босилово и годинава организира богата празнична програма под наслов „Новогодишна магија – Босилово 2026“, која ќе се реализира од 24 декември 2025 до 9 јануари 2026 година, со низа настани на повеќе локации во општината, наменети за деца, семејства и граѓани од сите возрасти.
Програмата започнува на 24 декември 2025 година, со новогодишна забава за деца што ќе се одржи во центарот на Босилово, со почеток во 11:00 часот. Во рамките на настанот се предвидени фотографирање со Дедо Мраз, интерактивна забава и доделување новогодишни пакетчиња.
На 26 декември 2025 година, во Домот на културата во Босилово, ќе се одржи новогодишна приредба за деца во организација на ООУ „Гоце Делчев“ – Босилово.
На 28 декември 2025 година, со почеток во 13:00 часот, во центарот на Босилово е закажан новогодишен базар, на кој ќе бидат изложени новогодишни ракотворби, ќе има музичка програма, како и дегустација на греано вино, греана ракија, топол чај, домашни колбаси и чварки.
Празничната програма продолжува на 29 декември 2025 година, со новогодишен концерт што ќе се одржи во центарот на село Моноспитово, со почеток во 18:00 часот.
На 30 декември 2025 година, во Домот на културата во Секирник, со почеток во 10:00 часот, ќе се одржи новогодишна претстава за деца во организација на ООУ „Свети Кирил и Методиј“ од Иловица.
Во рамките на божиќните активности, на 4 и 5 јануари 2026 година, во Мултифункционалниот центар во Босилово ќе се реализира новогодишно-божиќен турнир во шах.
На 5 јануари 2026 година ќе се спроведе и хуманитарната акција „Божиќни празници за сите“, во чии рамки ќе се доделуваат пакети со храна и пијалоци на социјално загрозени семејства.
Празничната програма ќе биде заокружена на 9 јануари 2026 година, со традиционална божиќна средба под мотото „Сите сме исти и сите заслужуваме радост“, која ќе се одржи во етно ресторанот „Кај Виктор“, со почеток во 12:00 часот.
Од Општина Босилово ги повикуваат граѓаните да земат активно учество и да бидат дел од празничните настани, со цел заедничко одбележување на новогодишните и божиќните празници во духот на заедништвото и солидарноста.





























