Премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерот за култура и туризам, Зоран Љутков беа во посета на Струмица и се информираа за доизградбата на стариот струмички театар. Тој треба да биде готов до крајот на идната 2026 година, а ќе го дозаврши битолската фирма „Стентон Градба“ ДОО Долно Оризари, која го доби тендереот. Министерството за култура и туризам пред два дена го потпиша договорот за овој проект кој повеќе од седум години беше во застој.
„Го најавуваме почетокот на активностите за довршување на изградбата на „Стариот театар“ – капитален културен објект кој повеќе од седум години беше во застој поради неработењето на претходната Влада. Министерството за култура и туризам обезбеди 198 милиони денари (околу 3,5 милиони евра) за довршување на театарот. Во 2024 година спроведовме детална ревизија на проектот, ги анализиравме сите претходни фази на изведба и избравме нов изведувач“ – кажа министерот Љутков.