Денеска е Велигден, најголемиот христијански празник. Без разлика кога и каде се празнува, овој празник ја зачувал до денешен ден својата суштина: победа на животот над смртта.
Денешниот Празник е голем по многу нешта: тој не се чевствува само денеска, туку Велигден е систем од празници и дати кои се поврзани со овој голем и свет Ден. Велигденските чевствувања, практично, започнуваат со Прошталните поклади кога започнуваат долгите педесетдневни Велигденски пости и траат, практично, до Вознесението Христово (Спасовден; Св. Спас) кој се паѓа 40 дена по воскреснувањето Христово, односно по Велигден; Велигден е Празникот во кој се слави победата на животот над смртта, нешто, што е суштината на Христовата вера; со Велигден се поврзани и многу други празници кои се чевствуваат и нивната дата зависи од најголемиот Празник над Празниците – Проштални Поклади или Велики Поклади, исто така голем празник; потоа Тодорова сабота; Лазарова Сабота; Цветници (сите пред велигден) и Спасовден, четириесет дена по Велигден, празник кој секогаш се празнува во четврток. Сите тие празници се наречени подвижни празници оти ја менуваат датата, ама денот не го менуваат. Така, Велигден може да се падне дури во 35 датуми!
Како се одредува датата на празнувањето на Велигден? Како може да се празнува во толку многу различни датуми? За тоа си има Правила. Овие Правила биле донесени во 526 година. Овие Правила налагаат Велигден секогаш да се чевствува и слави по пролетната рамнодневница во првата недела по полната месечина. Секогаш е во недела, но не смее да се совпадне со денот кога Евреите го празнуваат својот празник Пасха, ниту да биде пред него. Ако е пред Пасха, Велигден се одлага за првата недела, недела по следната полна месечина. Доколку, пак, се совпаднат во ист ден, се одлага за следната недела.
Македонскиот народ со голем пиетет и радост го слави Велигден. Некогаш во селата три дни и три ноќи се играле ора, се пееле велигденски песни, се славела радоста за победата на животот и за воскреснувањето на Спасителот. До скоро некои култни места во Струмичко беа масово посетувани и таму се славеше велигден. Народот има џиновска меморија. Ништо не може да ја избрише! Се посетуваат култни места каде некогаш, во длабокото минато, го славеле својот празник над празниците. И кога го славеле слободно, и кога го славеле кога биле прогонувани. Така, кај Ново Село, Струмичко, пред влезот во селото на самиот пат од Струмица према македонско-бугарската граница, има месност викана Велинска Црква. Според преданието, тука некогаш имало црква каде населението го славел Велигден. Црквата како објект денеска не постои, но ние имаме запишано бројни песни на оро и безброј фотографии кога река народ од Ново Село се слеваше кон Велинската Црква во попладневните часови од вториот ден на Велигден. Тука се пееше и играше, се раздаваше од дома донесената храна, луѓето се дружеа, се радуваа, се смееја.
Велигден има(ше) интегративна функција.
Дај Боже овој тренд да продолжи!
Народниот творец, инспириран од Велигден, создал бројни легенди, песни, поговорки и пословици, а практикувал и безброј обичаи со цел достоинствено да го праслави Празникот и, истовремено, да си помогне и себе си.
И денеска ќе ги слушнеме поговорките:
Гледат го како велиденско јајце!
Тај се е родил на Велиден! (За касметлија човек.)
Секој ден не е Велиден.
…И многу други!
Во прилог на овој текст еве и една велигденска песна снимана 1973 година во село Ново Село, Струмичко:
Појде мома
Појде мома студна вода, ле, студна вода,
појде лудо с кон по неја, ле, с коњ по неја,
да ја стигне, да ја сретне, ле, да ја сретне.
Стигнало гу онде доле, де, онде доле,
тамо доле под ораси, ле, под ораси.
–Дај ми моме студна вода, ле, студна вода,
ја да пием, којн да појам, ле, којн да појам!
–Бегај, лудо, ај оттука, ле, ај оттука!
Ен՚ го татко онде горе, ле, онде горе,
онде горе, каде оре, ле, каде оре,
каде оре бел пченица, ле, бел пченица!
Ќе ме види, да ме кара, ле, да ме кара!
Мани кавга, ќе ме срами, ле, ќе ме срами,
на Велигден пред другарки, ле, пред другарки!
Песната е снимана на 24.1.1973 год. во с. Ново Село, Струмичко;
Информатор: Ленка Ѓоргиева, родена 1946 год. во с, Дрење, Крива Паланка; овде дојдена 1968 година; има завршено Педагошка академија во Штип, група математика и физика;
Снимал и дешифрирал: Иван Котев
НЕКА Е ЗА ВЕК И ВЕКОВ ДЕНЕШНИОТ ГОЛЕМ ПРАЗНИК! АМИН!
Иван Котев