На 7 април (петок) од 19:00 часот во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица ќе биде промовирана книгата „Наведе́ се с’нце да зајде“ од македонскиот фолклорист, струмичанецот Иван Котев.
Во јубилејната 15-та книга на Котев се поместени песни, приказни, поговорки, кажувања, информации за празници, обичаи и друго, кои оваа книга ја прават значајно дело за културно-историското наследство на Робово. Ова е втора книга на Котев за неговото родно село, по издадената во 1995 година „Училиштето во Робово од преродбата до денес“.
На самата промоција на книгата ќе биде промовирано и списанието „Македонски фолклор“ број 80 и 81 на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје во кои се отпечатени трудовите презентирани на Научниот собир „70 години Институт за фолклор и 50 години фолклористичка дејност на Иван Котев“.
Промотори ќе бидат д-р Ана Витанова Рингачева, д-р Ермис Лафазановски и д-р Зоранчо Малинов. Модератор на вечерта е Ѓорги Калајџиев.