Денеска на стрелиштето кај селото Водоча во организација на Ловното друштво „Беласица“ од Струмица по 31-ви пат се одржа Меморијалниот турнир во стрелање на летачки мети „Ване Арапов 2024“.
Претседателот на Ловното друштво „Беласица“, Марјан Даскаловски ги поздрави учесниците на турнирот посакувајќи им успеси во оваа традиционално натпреварување, а на гостите кој освен од струмичкиот регион ги имаше од повеќе ловни и стрелачки клубови во Македонија им посака да уживаат во турнирот на најдобрите стрелци. Меѓу гостите беше и претседателот на Стрелачката Федерација – МССФ, Јордан Тасевски.
Стартот го означи внукот на Ване Арапов, младиот Ване, кој прв испука во глинените плочки. Потоа следуваше и натпреварувачкиот дел, екипно и поединечно, а стрелците се натпреваруваа во дисциплината „трап“.
Поединечно, првото место го освои Иван Атанасовски, второто Момчило Стојчев, додека третото место го освои Блаже Митев.
Во екипна конкуренција првото место го освои Стрелачкиот клуб „Рефлекс“ од Струмица, второто екипата на „Самострел“ од Босилово, а третото место СК „Стрелец“ од Скопје.
На Коста Поцков иницијатор за одржување на турнирот „Ване Арапов“, доаен на стрелаштвото во Македонија, претседателот Даскаловски му додели Плакета.
Инаку утрово, пред почетокот на турнирот претставници на ЛД „Беласица“, заедно со семејството на Ване Арапов го посетија неговото вечно почивалиште на Градските гробишта во Струмица.