Во рамките на 22-то издание на Манифестацијата „Средби под јаворите – Видое Подгорец 2023“ денеска во Домот на АРМ во Струмица се одржа Книжевна трибина на тема „Поврзување и вмрежување на автори и издавачи од Македонија и Балканот“.
Меѓу книжевници од Македонија на трибината учествуваше и познатиот автор и издавач од Босна и Херцеговина, Бајрузин Плањац, годинешен кандидат за реномираната меѓународна награда за литература за деца „Астрид Линдгрен” во Шведска.
Претходно, во текот на денот во основни училишта во Струмица, Колешино и Ново Село се одржаа и книжевни средби на ученици со писателите Киро Донев, Трајче Кацаров, Атанас Крлевски, Ксенија Маказлиева Трајчева, Вера Андон, Милена Ристова Михајловска, Војдан Михајловски, Ана Витанова Рингачева и Сузана Мицева.
„Средби под јаворите – Видое Подгорец“ годинава се дел од „Струмица Опен фестивал“, со поддршка на Општина Струмица. Продолжуваат и утре на роденденот на Видое Подгорец во неговото родно место Колешино.