Утре е Рождество на Пресвета Богородица, еден од големите празници на Светата православна црква. Колона од автомобили кон Вељуса, многу народ како река низ селото, а манастирскиот двор преполн со верници.
Жителите од струмичкиот регион уште од денеска попладне го посетуваат Манастирот „Пресвета Богородица Милостива“ во Вељуса, кој утре го слави својот патрон.
Манастирот е вреднуван како еден од најмаркантните културно – историски споменици на почвата на Македонија. Се карактеризира со раскошноста на фрескоживописот на којшто се појавуваат голем број иконографски новитети – дело на непознати и мошне талентирани сликари. Во архитектурата се забележуваат елементи на поврзаност со архитектурните традиции од времето на св. Климент и св. Наум Охридски. Црквата е значајна по својата изворно зачувана архитектура, живопис, мозаичен под и мермерен иконостас.
Манастирот во Вељуса постои од 1080 година кога тивериополскиот епископ Мануил подигнал црква која ја посветил на Богородица. Според кажувањата од манастирот оваа црква е единствената од тој период во државата која е целосно сочувана без никакви доградби. Во земјата постојат и постари цркви од неа, но сите тие во одреден период биле урнати, а потоа доградувани.