Од 30 мај до 1 јуни во Крушево се одржува 16-то издание на меѓународниот фестивал за гитара „П.С, Гитар фест 2025“ на кој свој концерт имаат Дуо Corde од Унгарија и Дуо Дениција од Македонија, а на последниот ден ќе настапат учениците од Школата за гитара на м-р Васко Пиличев од Струмица со завршен концерт на манифестацијата.
Тие учествуваат и во тридневната музичка работилница која се одржува во рамките на манифестацијата.
На овој традиционален фестивал за гитара, кој се одржува во Спомен куќата на Тоше Проески, во изминатите 15 години свои концерти одржале виртуозот Влатко Стефановски, кантавторот Јаков Дренковски, Петар Ренџов, Владимир Четкар, Дамјан Пејчиновски, светски познатата класична гитаристка Сабрина Влашкалиќ од соседна Србија и многу други, а струмичките гитаристи од класата на проф. Пиличев веќе неколку години се дел од овој музички настан.