Два фудбалски клубови од Струмица, „Брера“ и „Беласица“ добија спортска опрема за младинските категории во натпреварувачкиот систем на Фудбалската Федерација на Македонија. Тие се дел од 42-те екипи кои настапуваат во Супер младинската лига, Втората и Третата младинска лига и добија по 44 комплети опрема (тренерки, маици и шорцеви за тренинг, ранци), како и по 30 фудбалски топки.
Вкупно 1848 деца се опфатени со оваа донација, чија вредност изнесува околу 150.000 евра, обезбедени целосно од средствата на ФФМ.
Претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, заедно со Горан Пандев, Агим Ибраими и Ѓорги Христов ги поздравија присутните претставници на клубовите во „Куќа на фудбалот“ и најавија континуирана поддршка и соработка.