На 17 јули со почеток во 20:00 часот во Градската уметничка галерија на плоштадот во Струмица ќе биде поставена изложбата „Митарење“ од младата струмичанка Камелија Каламерникова, која за првпат ќе биде на показ пред струмичката публика.
Изложбата се состои од студентските дела и дипломскиот труд на авторката. Насловот на изложбата го носи симболичносто значење за константната промена и трансформација која се доживува за време на студии и во периодот веднаш отпосле. Тоа што веќе не ни служи – самото си паѓа.
Камелија Каламерникова е визуелна уметница родена 2002 во Струмица. Дипломира на сликарски смер при Факултет за ликовни уметност – Скопје во 2025 во класата на Слободанка Стевческа. Во текот на нејзините студии експериментира со различни техники и медиуми за визуелно изразување со главен фокус на цртеж, сликарство и видео уметност. Уметноста ја користи како алатка за интроспекција, анализа и естетско размислување. Тематиките кои ги истражува преку нејзиното творештво се разновидни и динамични. Најмногу се посветува на теми поврзани со човекот и неговата психа, како и со инсекти кои станаа клучен дел од нејзиниот авторски опус. Муви, молци, богомолки се дел од оние инсекти кои буквално ги претставува, а и метафорично во нејзините дела.
Изложбата „Митарење“ на Камелија Каламерникова во Градската уметничка галерија во Струмица ќе биде отворена за разгледување секоја вечер од 20:00 до 23:00 часот во периодот од 17 до 20 јули.