Новогодишната ноќ во Струмица и струмичкиот регион била мирна, во знакот на новогодишното расположение.
Како што не информираа од Итната медицинска помош при ЈЗУ „Здравствен дом“ Струмица, во текот на ноќта 40-тина граѓани побарале помош од лекар во амбулантата на оваа служба, но претежно хронично болни лица и со покачен крвен притисок. Четири интервенции имале на терен по повик на единствениот број за итни случаи 112.
Мирно било и во Противпожарната единица на Струмица. Според информацијата од дежурната служба, во текот на новогодишната ноќ немале никакви интервенции на терен од нивна страна.
И струмичката полиција немала некои сериозни интервенции во текот на ноќта. Дежурните полициски службеници биле на терен, но без било какви интервенции, ниту пак имало пријави од граѓани за некакво нарушување на јавниот ред и мир.
До овој момент првиот жител на Струмица сé уште не се родил. Од Одделението за гинекологија и акушерство при ЈЗУ „Општа болница“ во Струмица велат дека по полноќ, односно во првите часови од Новата 2025 година нема извршено породување.