Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, денеска ја посети општина Струмица, каде што оствари работна средба со градоначалникот Петар Јанков и со членовите на Советот на општината. На состанокот, одржан во зградата на Општина Струмица, се разговарало за тековните предизвици со кои се соочува новата локална власт, како и за мерките што Министерството и Владата ги преземаат за поголема функционалност и ефективност на општините во спроведувањето на нивните надлежности.
„Главен фокус ставивме на проектот Ресурсен центар. Општина Струмица ќе биде првата општина која ќе го добие прирачникот што произлезе од овој проект, како алатка за поддршка во транзицијата на локалната власт. Очекуваме од центарот да произлезат уште многу продуктивни документи и решенија кои ќе бидат од корист за сите локални самоуправи“, истакна министерот Перински.

Во салата на Советот, министерот имаше средба и со новоизбраните советници, на кои им ги презентираше активностите што Министерството ги реализира преку проектот „Каде што срцето е дома“, со кој се заокружува караванот на посети низ општините во земјата.
Во рамките на посетата, Перински, градоначалникот Јанков и претседателот на Советот, Никола Маџунков, извршија увид во градежните активности на новиот парк што се гради во близина на детската градинка „Виножито“. Проектот се реализира преку ИНТЕРРЕГ програмата со Република Бугарија, под координација на Министерството за локална самоуправа.
Во знак на поддршка на еколошките иницијативи, Перински и Јанков симболично засадија дрвца во новиот парк.



























