Министерот за локална самоуправа Златко Перински денеска беше во работна посета на Општина Босилово. Тој заедно со градоначалникот Ристо Манчев беа во подрачното основно училиште „Кирил и Методиј“ во селото Секирник, каде е реконструиран целиот кров, односно поставен е нов кров со фотоволтаици, направена е термофасада, систем за парно греење, а комплетно се реновирани и санитарните јазли. Финансирањето на оваа реконструкција на училиштето беше преку Бирото за регионален развој и Општина Босилово.
„Сето ова ќе овозможи учениците и наставниот кадар да имаат соодветни услови за следење и реализација на наставата, а истовремено ќе се намалат трошоците за одржување на објектот. Ова училиште ќе биде одличен пример за енергетско ефикасен објект и искористување на соларната енергија како обновлив извор на енергија. Со ова истовремено придонесуваме и за подигнување на јавната еколошка свест,” истакна министерот Перински, по посетата на училиштето во Секирник, чија инвестиција чини околу 7.200.000 денари, од кои приближно 5.600.000 денари се обезбедени преку Бирото за регионален развој, а останатите од страна на Општина Босилово.
На средбата помеѓу Перински и Манчев присуствуваше и директорот на Бирото за регионален развој, Даут Мемиши со кој се разговараше за идните проекти кои треба да се реализираат во брзо време.