Политичките партии ги креираат предизборните програми за Локалните избори со кои ќе ја бараат довербата кај граѓаните. Пратеникот Миле Цеков од ЗНАМ – За наша Македонија, заедно со кандидатите за членови на Советот на општина Струмица се подготвени да ја презентираат својата програма создадена пред се од идеи и потреби на струмичани. Во интервју за СтрумицаНет ни открива еден капитален проект кој заедно со идната локална власт ќе го реализираат во наредниот четиригодишен мандат. Станува збор за изградба на езеро со мултифункционален парк на излезот од Струмица кон Валандово, просторот помеѓу хотелот „Сириус“ и „Македонска куќа“.
СтрумицаНет: Господине Цеков, како дојдовте до идејата за изградба на езеро со мултифункционален парк во Струмица?
Миле Цеков: Идејата е родена од резултатите од нашата анкета и од моја желба Струмица да биде повторно уникатен модерен вистински европски и убав град. Граѓаните сакаат нов парк, повеќе зеленило, парк за миленици, чистење на депониите и поврзување на Куклиш и Балдовци со градот со пешачки и велосипедски патеки. Гледајќи дека имаме огромен државен простор на излезот од градот решивме дека токму тука треба да изградиме езеро со парк. При креирање на идејата имавме во предвид дека е потребно да се донесе детален парк надвор од градот, да се предвидат патеки за движење на стока, пат за движење околу објектите кои се веќе изградени, како и регулирање на течението на Тркања. Од нашата анализа сфативме дека проектот е можен и потребен.
СтрумицаНет: Што конкретно ќе содржи овој проект?
Миле Цеков: Замислете место каде што ќе има велосипедски и пешачки патеки, зелени површини за пикник, кино на отворено, простор за концерти, спортски терени, теретани на отворено и парк за миленици. Тоа нема да биде само езеро, туку мултифункционален парк кој ќе стане срцето на градот. Струмица ќе добие место за големи концерти надвор од градот, Куклиш и Балдовци ќе се поврзат со голем парк во нивна близина. Струмица ќе добие место за сите генерации.
СтрумицаНет: Многумина ќе прашаат – како ќе се финансира овој проект?
Миле Цеков: Финансирањето не е невозможна мисија. Ние веруваме во паркови во кои ќе има само дрвја и други растенија кои се соодветни на нашата клима, без скапи украси, растенија кои бараат сложено и скапо одржување. Одржливоста на проектот ќе ја овозможува не само ниската цена за одржување туку и приходи од изнајмување на простор за концерти и други настани. Самата изградба може да биде на фази, а за такви проекти има европски фондови фокусирани на еколошки како овој. Земјиштето е државно и нема да чини ниту денар за негово откупување. Преку европските фондови, преку партнерство со бизнис-заедницата и преку државни инвестиции, можеме да го направиме овој проект реалност. Јас како пратеник веќе имам контакти и знам кои фондови можат да се искористат.
СтрумицаНет: Колку е реално Струмица да добие ваков проект во блиска иднина?
Миле Цеков: Многу е реално. Имаме државно земјиште, имаме природни извори на вода, имаме европски фондови, и што е најважно – имаме политичка волја и тим од луѓе со енергија да го реализираат ова. Ова не е проект за една власт или една партија, ова е проект за Струмица и за сите генерации што ќе дојдат.
СтрумицаНет: Како сакате да ве запомнат струмичани по овој проект?
Миле Цеков: Сакам да запомнат дека сме биле генерацијата што не се плашела да сонува големи соништа. Генерацијата што оставила зад себе дело, а не зборови. Паркот и езерото ќе биде симбол на една нова Струмица. Струмичани ќе одлучат дали сакаат да бидат водени од луѓе кои создаваат депонии, од луѓе кои им кажуваат дека ништо не може да се смени, или од такви кои имаат визија и волја депониите да ги претворат во места со кои ќе се гордееме.