Актуелниот претседател на Советот на општина Струмица и претседател на ОО на СДСМ Струмица, Марјан Даскаловски е кандидат за градоначалник на општина Струмица од СДСМ на претстојните Локални избори. Ова пред малку на прес конференција го соопшти лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
Во изминатите три месеци беше неизвесно кој ќе биде кандидат за градоначалник за општина Струмица од оваа партија. Актуелниот градоначалник Костадин Костадинов тврдеше дека тој го има мнозинството на поддршка, истото го тврдеше и Даскаловски, за да денеска Филипче пресече и ја објави кандидатурата на Марјан Даскаловски.
Веднаш по објавувањето на веста, градоначалникот Костадин Костадинов на социјалните мрежи објави дека ја замрзнува партиската припадност во СДСМ, најавува ново интерпартиско делување по изборите.
Во ВМРО-ДПМНЕ се уште тактизираат за кандидат за градоначалник на Струмица. Кој ќе му биде противкандидат на Даскаловски велат дека многу брзо ќе се знае, после соопштувањето на кандидатот на СДСМ. Таму во последните денови копјата се кршат меѓу бизнисменот Петар Јанков и лекарот Никола Маџунков.