Претседателскиот кандидат на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски од утре, 4 април, од Крушево ќе ја почне кампањата за претседателските избори закажани за 24 април. Караванот ќе заврши во Струмица на 22 април, најави Димитриевски на денешниот брифинг за медиумите.
Слоганот на партијата е „Максимум за Македонија“, а програмата ќе биде именувана како „Манифест за Македонија“.
„Ќе се обидеме во следниот период да допреме директно до граѓаните. Ќе тргнеме симболично од Крушево, таму каде што се поставени темелите на нашата држава. На граѓаните ќе им ја објасниме нашата програма, која содржи пет конкретни начела, со конкретни решенија за нашите можности како држава“, рече Димитриевски.
Димитриевски најави дека ќе одржи и два помасовни собири, едниот во Куманово, а за локацијата на другиот дополнително ќе се одлучи.