Попладнево на стадионот „Благој Истатов“ во Струмица пред повеќе од 4000 публика, репрезентацијата на Македонија во пријателски контролен натпревар ја победи репрезентација на Ерменија.
Селекторот на македонската репрезентација, Благоја Милевски кажа дека ова е најдоброто од репрезентацијата и сите фудбалери си го заслужиле местото во составот.
„Задоволен сум и среќен за момците кои го почнаа натпреварот. Осум нови играчи од дуелот со Украина и двајца дебитанти. Презадоволен сум од тоа што го покажаа на теренот и со право ќе бидат тука и во иднина. Ова е најдоброто од Македонија. Ова се момците кои ги имаме и мислам дека секој следен натпревар покажуваат сè поголем квалитет“, кажа Милевски.
Натпреварот во Струмица го следеа и градоначалникот Костадин Костадинов, претседателот на Советот, Марјан Даскаловски во придружба на претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.
„Ги бодревме нашите фудбалери и навивавме за Македонија! Дождот не нé попречи да им ја дадеме нашата поддршка во контролниот натпревар со фудбалската репрезентација на Ерменија“, напиша градоначалникот Костадинов на Фејсбук.