Денеска, 4 февруари е датумот на раѓање на еден од најголемите македонски дејци, Гоце Делчев, визионер, кој скоро пред век и половина го опиша светот како поле за културен натпревар меѓу народите. Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Денеска, се одбележува 152-та годишнина од раѓањето.
Тој е учесник во македонското револуционерно движење, деец на Македонската револуционерна организација, идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно националноослободително движење кон крајот на 19-от и почетокот на 20-от век.
Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на Организацијата. Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија. Се борел за самостојна македонска држава. На 4 мај во 1903 година бил убиен од турска војска во селото Баница, на пат кон Сер.
Саркофагот со посмртните останки на Гоце Делчев од 1946 година се наоѓа во дворот на црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Во организација на Општина Струмица денеска на плоштадот „Гоце Делчев“ во Струмица, со почеток во 10:00 часот ќе се одбележи 152-та годишнина од раѓањето на апостолот на македонското револуционерно движење, Гоце Делчев.