Синоќа во Уметничката галерија „Амам“ во Гевгелија свечено беше отворена Изложба на дела создадени на 61-та Меѓународна струмичка ликовна колонија 2024 година, која традиционално ја организира Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица. Изложбата беше пренесена во Гевгелија како дел од програмата на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, со што публиката, но и и уметници, имаа можност да се запознаат со квалитетните дела од оваа реномирана колонија и да уживаат во богатството, разновидноста и креативноста на ликовна уметност.
Уметничката галерија „Амам“ беше прегрната од дела на познати и афирмирани уметници: Томe Даневски, Оливера Додиќ, Петар Чучулигов, Јоана Арсовска, Даниела Стефанова Ефремова, Силвија Јановска, Агнешка Казала, Ѓорге Иванов, Десислава Данeва – Деде, Мирослав Трендафиловски – Мики, Светислав Славковиќ – Кајзер, Боро Арсовски, Ѓорги Томовски, Наташа Радосавлевиќ, Наташа Дејановиќ Димитријевиќ, Стефан Калапашев, Виолета Сандева и Сречко Гунчев, чиешто творештво беше создадено за време на минатогодишната Струмичка ликовна колонија.
Изложбата ја отворија Мирјана Крстева Массетти, директорка на ЈОУ Дом на култура „Македонија“ во Гевгелија, и Саша Јованов, директор на НУ Музеј во Гевгелија.
Массетти во своето обраќање истакна дека Изложбата од Меѓународна струмичка ликовна колонија, од своите почетоци најстара во државата, не е само збирка на уметнички дела туку и вистински прозорец кон светот на инспирацијата и креативноста. Таа ја поздрави отвореноста за соработка помеѓу Домот на култура „Македонија“ Гевгелија, Центарот за култура „Антон Панов“ Струмица и НУ Музеј Гевгелија, коишто преку заедничкиот ангажман создаваат значајни културни настани што ја збогатуваат локалната културна сцена и отвораат нови перспективи за развој на уметноста.
Гостувањето на изложбата во Гевгелија, во рамките на јулската програма за „Гевгелија град на културата за 2025 година“, е јасен показател за развојот и значењето на градот како културен центар во регионот, каде што уметноста се негува и промовира. Оваа соработка меѓу ЈОУ Дом на култура „Македонија“, НУ Музеј и Центарот за култура „Антон Панов“, потврдува дека заедничките културни проекти носат вредност и нови можности за локалната заедница.