Традиционално во дворот на Струмичката болница, лекарите и медицинскиот персонал го одбележуваат празникот Св. Козма и Дамјан – вечните лекари на болните и сиромашните.
Денеска на празникот на овие светци, пред темелите на малата црква која со години чека да се изгради, во кругот на ЈЗУ „Општа Болница“ во Струмица, отец Стоил Димитриев од Струмичката Православна Епархија одржа празнична литургија за здравје на сите.
Годинашното, по 11-ти пат одбележување го организираше персоналот на Одделението за физикална терапија при оваа здравствена установа, предавајќи го кумството – славата на вработените во Одделението за гинекологија и акушерство, односно на д-р Весна Цекова од ова одделение.
Инаку, Свети Козма и Дамјан се многу познати во народот. Многу цркви им се посветени во Македонија, па и некои лекарски друштва го носат нивното име. Овој празник меѓу народот е познат како Свети врачи или едноставно како Световрача. Зборот врач (враж) и денес во некои словенски јазици (на пр. во рускиот јазик) значи лекар. Овие господови лекари наречени и Свети бесребреници имаат два празника на 1 јули (Свети врачи – летни) и на 1 ноември (според стариот календар).