Синоќа во спортската сала во Куклиш, Културно-уметничкото друштво „Браќа Минкови“ го одржа традиционалниот Годишен концерт, на кој настапија 60-тина играорци од различни возрасни категории, празнувајќи ја успешната 2025 година која ја поминаа со низа концерти во Македонија и низ Европа.
Пред бројната публика, играорците на „Браќа Минкови“ изведоа повеќе познати македонски ора и кореографии, меѓу кои „Повардарие“, „Пембе“, „Калајџиско“, „Шопка“, „Седенка“, „Доце, Доце“, со што уште еднаш го потврдија својот квалитет и посветеност кон негувањето на македонскиот фолклор.
Гости на концертот беа членовите на КУД „Марија Бурсач“ од Банатско Велико село, општина Кикинда, Србија, со кои КУД „Браќа Минкови“ негуваат пријателство и соработка полни 42 години. Соработката датира од 24 април 1983 година, кога играорците од Куклиш гостувале во Банатско Велико село, од каде тогаш била емитувана една од најпопуларните емисии на поранешните југословенски простори – „Знање Имање“. Честите меѓусебните гостувања создале верно пријателство, но и љубов меѓу двајца нивни членови, Виолета Дрвошанова од Куклиш и Горан Бабиќ од Банатско Велико село, која била крунисана со брак. Гостите од Србија, освен што заиграа, и запееја изворни песни од нивниот крај.
Публиката синoќа со долги и искрени аплаузи ги наградуваше сите настапи, а организаторите упатија благодарност до публиката и спонзорите за поддршката и присуството на оваа фолклорна вечер, која уште еднаш ја потврди силата на традицијата и пријателството меѓу народите. /Р.Ѓ./





























