Ликовниот уметник Кристина Зимбакова е единствениот претставник од Македонија на Светското биенале за хартиена уметност – Шангај 2025, кое ќе се одржува во Музејот „Фенгксијан“ во Шангај, Кина, од 1 ноември 2025 до 28 февруари 2026 година.
Музејот „Фенгксијан“ е еден од водечките музеи во Кина, а секој од избраните уметници ќе се претстави со едно дело изработено на хартија, најчесто рачно создадена. Изложбата се организира во соработка со Конгресот на Меѓународната асоцијација на професионалци и уметници за рачно изработена хартија (IAPMA), со седиште во Дрезден, Германија, чија членка е и Зимбакова.

Темата на биеналето и на конгресот е „Хартијата и водата“, инспирирана од духот на Шангај – крајбрежен град кој ги спојува историјата, традицијата, модернизмот и високата технологија, опколен со реки и отворен кон Источното Кинеско Море.
Кристина Зимбакова е позната по својот уникатен пристап кон хартиената уметност, во која користи габи како основен материјал. Таа создава хартија и пулпа од габи, на која „црта“ со лишаи, создава мозаици и вметнува поетски елементи. Габите ги собира преку теренски истражувања по планините, а во соработка со научници од земјава и странство набавува и ретки, ендемични видови од различни континенти.
Преку ваквиот пристап, уметницата настојува да ја подигне свеста за значењето и зачувувањето на габите – организми кои се суштински за природниот баланс, но често запоставени.

Досега Зимбакова има реализирано единаесет самостојни изложби во Македонија, Ирска, Грција и Бугарија, меѓу кои се издвојуваат оние на Универзитетот „Аристотел“ во Солун (2022), Сечена Скала на Беласица (2019), Факултетот за уметност во Белфаст, Северна Ирска (2017) и Охрид, во рамки на Европскиот совет за зачувување на габите (2017). Нејзини дела се дел од збирките на Универзитетот „Оксфорд“ (Велика Британија), Амбасадата на Македонија во Вашингтон, Миколошкото друштво на Гран Канарија (Африка) и Колеџот „Смит“ (САД). Таа е добитник и на престижни стипендии од Програмата за развој на Обединетите нации (UNDP) и од Меѓународниот институт за бои од габи од САД.
 
                                
		    
                                











	
	
	
	
	
	
	
	
	
	














