„Доволно ни беше најатрактивните содржини во градот да ни бидат казината. Сметам дека треба да свртиме нова страна, да има „пам трака“, која е готова, да има и велосипедска патека, која е готова, и вечерва овој „Скејт парк“, кажа градоначалникот Костадин Костадинов на вечерашното официјално пуштање во употреба на првиот „Скејт парк“ во Струмица.
„Скејт паркот“ се наоѓа во големиот градски парк во близина на Домот на АРМ, на површина од 625 м². На рамна бетонска платформа поставени се 7 спортски реквизити кои ќе овозможат адреналинска забава за љубителите на овој екстремен спорт.
Градоначалникот Костадинов најави дека на барање младите многу брзо ќе започнат со изградба на „даун хил“ патеката којашто треба да се спушта од Чамчифлик до градот, за која со Одделението за меѓународна соработка при Општина Струмица веќе имаат најдено „фондови“. Тој вечерва најави дека меѓу барањата на децата и младите е Струмица да има затворен базен.
„Да им најавам дека за 15 дена во Струмица почнува изградбата на затворен базен“, кажа градоначалникот.
Инаку фирмата „Планиметрика“ од Струмица го изгради спортско-рекреативниот простор „Скејт парк“ за сума од 6.200.000 денари, пари од Буџетот на Општина Струмица.