Во Градската уметничка галерија во Струмица, Амбасадата на Италија во Македонија со поддршка на Здружението на граѓани „Кво Вадис Ад Астра“ и Општина Струмица постави изложба насловена „Предизвик: Иновациите на италијанскиот дизајн во спортот“, на која можеа да се видат ретки, легендарни и современи спортски експонати.
Оригиналните копачки на еден од најдобрите италијански и светски фудбалери, Роберто Баџо, тркачкиот велосипед Pinarello Bolide – победник на дури 16 изданија на „Tour de France“, велосипедска опрема, скии од Зимските олимписки игри во 50-тите, опрема за алпинизам, тенис, планинарење и други автентични спортски експонати од срцето на Италија, што ја откриваат врската помеѓу креативноста, технологијата и движењето беа на показ пред струмичката јавност.
Изложбата ја отвори заменик градоначалничката на општина Струмица, Елена Маѓеровска Паликарова, а присутните ги поздрави и новоименуваниот амбасадор на Италија во Македонија, Н.Е Паоло Палминтери.
Изложбата која ќе биде отворена до 2 јули е поддржана од MAECI и ADI – Италијанско здружение за индустриски дизајн.