Во вчерашната акција за генерално чистење на градот Струмица, што се организираше во населбите Карпош и Чифлик, екипите на ЈПКД „Комуналец“ собраа над 12 трактори кабаст отпад кои жителите во оваа населба го изнесоа во своите дворови. Станува збор за нефункционална покуќнина, разновидни предмети од дрво и текстил, остатоци од дрвја, а паралелно работници на комуналното претпријатие ги чистеа улиците и тротоарите од израсната трева.
Најавената акција вчера се реализираши само во овие две населби, во наредните недели, во овој месец, во ден недела ќе се реализира и во сите населби и улици во градот Струмица.
Раководителот на Одделението „Чистота“ при ЈПКД „Комуналец“, Бранко Ѓоргиев информираше дека во акцијата биле ангажирани 30-тина работници, четири трактори и еден камион кои ги чистеа улиците и го собираа оставениот отпад, две машини за метење на улиците, како и цистерна која ги миеше улиците.
Од ЈПКД „Комуналец“ ги информираат граѓаните дека за подигање на ваков вид отпад можат да го користат телефонскиот број 13 110, по што ќе биде ангажирана екипа за подигање на отпадот од дворовите.