Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ – Струмица започна акција за мапирање и чистење на мини дивите депонии низ градот, кои се резултат на несовесно однесување на дел од граѓаните.
Како што велат од комуналното претпријатие, вакви депонии најчесто се создаваат покрај контејнерите, на јавни површини и тротоари. Паралелно со нивното расчистување, „Комуналец“ спроведува и акција за подигање на свеста кај граѓаните за правилно одлагање на отпадот.
Од таму апелираат комуналниот отпад да се собира во пластични кеси убаво заврзани и да се фрла во кантите, контејнерите или полуподземните контејнери. Гранки, трева и градежен шут не треба да се оставаат покрај контејнерите и на јавни места, туку да се пријават на бројот 13-110, по што екипите на „Комуналец“ ќе ги подигнат во договорено време од дворовите на граѓаните.
Од претпријатието порачуваат дека со заедничка одговорност и совесно однесување, улиците во општина Струмица ќе бидат почисти, поуредени и ќе претставуваат достоинствен урбан простор за сите жители.

































