Комисијата за проценка на штети при Општина Струмица, предводена од нејзиниот претседател Миле Гогов, започна со теренски увид на штетите предизвикани од неодамнешните поплави во село Муртино.
Како што информира Гогов, на терен се констатирани штети на земјоделските култури, како и оштетувања во дворовите и домовите на жителите на селото Муртино.

„Во наредниот период, увид и проценка на штетите ќе се спроведуваат и во селата Сачево, Банско и Раборци, кои исто така беа зафатени од поплавите“ – најави Гогов.
Комисијата е составена од членови на Советот на Општина Струмица, надворешни членови и стручни лица, кои вршат детална проценка на настанатите последици.

Од Општина Струмица информираат дека пријавувањето на штетите од поплавите трае до 10 февруари, а граѓаните тоа можат да го сторат во просториите на Општина Струмица, во канцеларија број 7.




























