Коалиција за заштита на децата информира дека во вторник, 9 мај, со почеток во 20.00 часот, во големата сала на Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица ќе се проектира филмот „Што е тоа жена?“ на Мет Волш, американски политички коментатор. Коалицијата ги организира проекциите на овој филм во Струмица во партнерска соработка со Елеуса Фондација, а по премиерната проекција во Струмица планираат проекции и на други места во Македонија. Влезот на проекцијата во вторникот е бесплатен.
Коалицијата смета дека овој филм на едноставен и забавен начин ја обработува една од главните теми на денешната цивилизација – што е тоа жена, како таа се дефинира и дали личните чувства можат да бидат над реалните биолошки факти.
Коалицијата за заштита на децата се дефинира како „балкански лидер што се залага за заштита на децата од родовата идеологија“ и „коалиција на повеќе разнолики организации и здруженија од општествениот и граѓанскиот сектор кои имаат различни дејности, но се обединети по она што е заедничко за сите нас – децата. Она за што се обединуваме е заштита на децата од родовата идеологија во образованието, општествениот и социјалниот живот, како и полова рамноправност и комплементарност меѓу мажите и жените“.