Поради големиот интерес за детскиот балетски спектакл „Петар Пан“, можноста да уживаат во претставата ќе ја имаат и децата од Струмица. Вистински начин да се одбележи крајот на училишната година со омилениот лик и роман на Џејмс Метју Бари, таткото на вечните деца и на сите оние што не сакаат да пораснат.
Точно напладне, во недела на 18 јуни во Центарот за култура „Антон Панов“, Ѕвончица со својот волшебен прав и прекрасните сонгови ќе ги пресели сите гости во чудесната земја Недојдија.
„Петар Пан“ не се пропушта поради оригиналноста и мајсторска симбиоза на играта, зборовите и музиката. Се е прекрасно и наросено со волшебен прав: зборовите се паметат и потпевнуваат а сценографија и костими инспиративно зрачат радост и среќа. Оргиналноста на претставата е што нема класичен наратор, туку либрето го пее Ѕвончица преку различни песни што едноставно влегуваат во уво и долго се пеат.
Да потсетиме: карванот „Петар Пан“ имаше премиера и неколку претстави во Скопје, потоа претстава во Штип и се уште се памети добра атмосфера, овации и радоста на децата во публиката и на сцената.
Петар Пан е потпишан од тимот составен од Ристо Самарџиев – сценарио и сонгови, Ирена Лозинска – кореографија и режија, Тамара Ѓурчиновска од балетското студио „Арт Балет“, костимите се на Елена Вангеловска, сценографијата на Љупчо Јованов, а музиката на Владимир Дојчиновски – Дојчин.
На сцената доминираат 57 деца од балетското студио „Арт Балет“ и гостите при балетскиот ансамбл на НОБ, Веселин Трајковски и Ницолас Алехандре Хоурсеау. Продукцијата на „Петар Пан“ е на М-Соунд.
Се гледаме на прекрасно доживување во Струмица.