Синоќа на влезот во големиот парк во Струмица се одржа митинг на ВМРО-ДПМНЕ, на кој беше претставен кандидатот за градоначалник на општина Струмица, Петар Јанков. Пред присутните граѓани, Јанков ја претстави својата програма и порача дека е време за нова енергија, промени и вистински проекти во интерес на струмичани.
Во своето обраќање, тој истакна дека Струмица заслужува поефикасна локална власт, со повеќе транспарентност, нови инвестиции и развој на инфраструктурата. Јанков најави проекти за подобрување на урбаната средина, дигитализација на општинските услуги и создавање нови можности за младите.
„Време е Струмица да добие чесно, одговорно и посветено раководство кое ќе работи за секој граѓанин. Нашиот тим е подготвен за промени, со јасна визија за подобар живот во нашиот град“ – кажа Јанков пред своите поддржувачи.
На митингот говореше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој ја изрази својата поддршка за кандидатот Петар Јанков и повика на обединување околу идејата за нов почеток. Тој истакна дека победата во Струмица ќе биде важен чекор кон обновата на целата држава.
Пред народот беше претставена и советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ за општина Струмица, предводена од д-р Никола Маџунков. Претходно ВМРО-ДПМНЕ одржа митинзи и во струмичките општини Василево, Босилово и Ново Село каде ги промовираа кандидатите за градоначалници Славе Андонов, Ристо Манчев и Ѓорги Божинов, како и кандидатите за членови на советите на овие општини.