Воздухот во Струмица и вечерва е екстремно загаден, а состојбата е потврдена и со официјално соопштение од Министерството за животна средина и просторно планирање, кое информира дека во градот е надминат прагот на алармирање за суспендирани честички ПМ10.
Според податоците од државниот автоматски мониторинг систем, вечерва во 19:00 часот, мерната станица во Струмица регистрираше алармантно високи концентрации на загадувачки честички: PM10 – 332,8 μg/m³ и PM2.5 – 223,8 μg/m³, што е повеќекратно над дозволените гранични вредности и претставува сериозен ризик по здравјето на граѓаните. Индексот за квалитет на воздухот е оценет како „екстремно лош“.
Активирани мерки и препораки
Согласно состојбата, Министерството наложува:
- интензивирање на вонредни инспекциски надзори на инсталациите со А-интегрирана еколошка дозвола,
- засилени контроли на инсталациите со Б-интегрирани дозволи и елаборати,
- јавен пристап до податоците од инсталациите со континуиран мониторинг,
- засилени контроли на техничката исправност на возилата, со посебен акцент на дизел возилата и нерегистрираните возила,
- строга забрана за горење на отворено и засилени контроли на градилиштата.
Воедно, се упатуваат препораки до работодавците да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, со соодветна лекарска препорака.
Министерството препорачува и реорганизација на работното време, при што лицата кои работат на отворено работните задачи да ги извршуваат во периодот од 11:00 до 17:00 часот, како и да не се организираат спортски натпревари и културни манифестации на отворено.
Надлежните институции апелираат граѓаните да го ограничат престојот на отворено, особено во вечерните часови, сè до подобрување на состојбата со квалитетот на воздухот во Струмица.





























