Организаторите на утрешниот протест против рудникот кај Иловица и Штука на Огражден насловен „Заедно против рудникот“, еколошките здруженија „Здрава Котлина“ од Струмица и „Еко Долина“ од Ново Село, соопштија дека добиле поддршка од десетици организации, од интелектуалци, професори. Тие споделија четири барања за итно и неодложно одземање на концесијата за рудникот, потпишана од овие организации и поединци.
Соопштението го пренесуваме интегрално:
„Почитувани,
Еколошкото здружение Здрава Котлина – Струмица и Еколошкото здружение Еко Долина – Ново Село, како организатори на протестот против рудникот Иловица-Штука на 15 јули 2023 година во Струмица, се обратија за поддршка за своите 4 (четири) барања до граѓанските организации, иницијативи и граѓани, кои се загрижени за јавниот интерес, здравјето и животната средина.
За еден ден добиена е поддршка од 41 граѓанска организација и 7 интелектуалци/професори. Претходно десетина организации дадоа поддршка на протестот што ќе се случува утре 15 јули 2023 со почеток во 11 часот.
Следува нашето БАРАЊЕ:
Барања на екологистите за итно и неодложно одземање на криминално споената концесија за рудникот Иловица-Штука
Ние, долупотпишаните претставници на граѓанските организации за заштита на животната средина, се обраќаме јавно до државните институции кои имаат директна или индиректна надлежност за случувањата околу проектот за рудник Иловица-Штука, за да укажеме на опасната закана за здравјето и животната средина во Струмичкиот регион од отворањето на рудникот, за што е направено кршење на законите и злоупотреба на службената должност и функција. Им даваме недвосмислена поддршка на жителите во регионот и на граѓанските активисти кои со години се борат против отворање на овој опасен рудник над земјоделската оаза и го подигаме гласот против овие патолошки случувања во македонското општество.
Оваа реакција следува по шокантното спојување на двете концесии за рудникот Иловица-Штука од страна на Владата, која без никаква правна основа одлучи да им ги ресетира и продолжи роковите за спојување, како и да прикаже дека концесионерите и досега ги почитувале законите на Република Македонија. А напротив, концесионерите од Еуромакс Ресурси го имаа прекршено Законот за минерални суровини по повеќе основи, поради што Владата во 2019 година им ја одзеде едната концесија за експлоатација, додека за втората концесија немаа ни побарано дозвола за експлоатација. Имено, законскиот максимален рок од 4 години за добивање дозвола за експлоатација, сметано од денот на склучување на договор за концесија, беше истечен и за двете концесии – за едната концесија во јули 2016, а за другата концесија во јануари 2020. Првата концесија беше одземена токму поради неисполнување на дури 7 од 9 неопходни услови за валидно барање за експлоатација!
Изминативе 4 години, по одземањето на концесијата, јавноста беше сведок на серија пинг-понг пресуди по жалби на концесионерот помеѓу Управниот суд и Вишиот управен суд, кои содржат контроверзни толкувања на владината одлука за одземање на концесијата. Ова се случуваше се до февруари 2023, кога фирмата НД Груп од Холандија (која е сопственик на тетовски Еколог), вложи 10 милиони долари за да купи 25% удели во Еуромакс Ресурси. Купени се удели во фирма која во тоа време има официјален долг од 40 милиони долари и одземена концесија! Случајно или не, по влезот на НД Груп, Управниот суд носи дијаметрално спротивна одлука со која ја враќа концесијата на Еуромакс Ресурси, но се оградува и носи пресуда за одбивање на барањето за спојување на концесиите. Владата, од друга страна, пак, спротивно на судската одлука, веднаш и на затворена седница, донесува одлука за спојување на концесиите, за која јавноста дознава дури по објавата во Службен весник.
Со сето ова се погазени редица закони, владини и судски одлуки, како и вољата на граѓаните изразена на референдуми. Додека фирмата Еуромакс Ресурси, која ги немаше испочитувано ниту елементарните законски услови за задржување на концесијата, е поставена во привилегирана позиција да има добитна комбинација при кој и да е исход од овој заплет: или ќе работи рудникот и ќе профитираат на сметка на здравјето на граѓаните, или нема да работи и ќе бараат оштета од државата.
Затоа, заради заштита на јавниот интерес, здравјето на луѓето и животната средина, го бараме следното:
1. Итно и неодложно одземање на криминално споената концесија за рудникот Иловица-Штука, поради прекршување на Законот за минерални суровини во однос на условите за добивање концесија и за спојување на концесии. Особено отежнувачка околност е залогот врз концесијата во финансиска кредитна трансакција со Ројал Голд, кој се јавува како трето лице. Целата оваа конструкција не е законска!
2. Разрешување на претседателите на Управен суд и на Виш управен суд, поради тендециозна погрешна примена на законите и постапките, како и поради носење дијаметрално различни пресуди во зависност од моментот. Кулминацијата беше последната пресуда за враќање на концесијата, што е различна од сите претходни 11 пресуди во пинг-понг процесите изминатите 4 години, а е директно поврзана со влезот на НД Груп со 25% удел во Еуромакс Ресурси.
3. Одговорност од сите одговорни лица од Владата и од надлежните министерства што биле вклучени во овој нелегален процес на спојување на концесиите. Сите што се огрешиле пред законот треба да бидат соодветно санкционирани, зашто е очигледно груба манипулација тврдењето дека спојувањето е принудно поради одлука на судот. Во пресудата е јасно наведено дека судот одбива да ги спои концесиите и дека тоа е дискрециона одлука на Владата, дали ќе ги спои или не.
4. Државната комисија за спречување корупција да поведе постапка за испитување на делувањата и релациите помеѓу сите вклучени одговорни лица, од аспект на тргување со моќ и политичко влијание, инсајдерско тргување, злоупотреба на службена положба и овластување, како и здружување и заговор помеѓу политичко-економски структури со извршната и со судската власт за потенцијално огромно оштетување на буџетот на државата. Постојат силни индиции за можна корупција и организиран економски криминал на повеќе нивоа, почнувајќи од влез во сопственичка структура, преку влијание во судот и извршната власт, до обезбедување документи и дозволи.
Ги повикуваме сите граѓани, граѓански организации и институции да дадат поддршка за нашата борба против отворање на рудникот Иловица-Штука, но и за сите опасни рудници за металични суровини среде плодни полиња и раскошни природни убавини со чисти планински реки. Во Македонија нема место за големите апетити на рударскиот бизнис!
НЕ за рудникот на смртта Иловица-Штука!
ПОДДРЖАНО ОД:
1. Зелен Институт – Скопје
2. Институт за комуникациски студии
3. НВО Еко Логик
4. НВО Радар
5. Младински Образовен Форум (МОФ)
6. НВО Арно
7. Радио МОФ
8. Новинари за човекови права
9. Балканска Водна Мрежа
10. Скриениот херој во секое дете
11. Грин.орг – Кочани
12. Го Грин – Скопје
13. Центар за истражување и креирање политики ЦРПМ
14. Арт Поинт – Гумно с. Слоештица, Демир Хисар
15. Аквасаве
16. ЕД Планетум – Струмица
17. Факултет за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“, УКИМ, Скопје
18. ЦСО Планктонум – Скопје
19. Национален Ромски Центар – Скопје
20. Охрид СОС – Охрид
21. Центар за управување со знаење – Скопје
22. О2 Иницијатива – Скопје
23. Го Сакам Водно – Скопје
24. Македонско Еколошко Друштво
25. Е.Д.Е.Н
26. Институт за демократија Социетас Цивилис – Скопје
27. ЕЗ Фронт 21/42 – Скопје
28. Рурална коалиција – мрежа од 45 организации
29. НВО Малеш Нет
30. Геосфера – Битола
31. Зелените од Гази Баба
32. ЗГ Чеијнџмејкерс – Гевгелија
33. Македонско здружение на млади правници
34. Младински културен центар – Битола
35. Екосвест – Скопје
36. Движење за околината – Битола
37. НВО ЗЕОООП
38. Ромаверзитас
39. Здружение на лозари Мак-Вранец Пирава Валандово
40. ПОЛИМАТ 13 – Богданци
41. Здружение на производители на еколошко овошје, ЈАПОНСКО ЈАБОЛКО – Валандово
42. Академик Љупчо Коцарев – МАНУ
43. Проф. д-р Рената Ќуштеревска – Институт за биологија, ПМФ, УКИМ
44. Проф. д-р Милица Ристовска – Институт за биологија, ПМФ, УКИМ
45. Проф. Валентина Славевска Стаменковиќ – Институт за биологија, ПМФ, УКИМ
46. Евгенија Крстевска – Global Shapers Skopje Hub
47. Проф. д-р Митко Костадиновски – Институт за биологија, ПМФ, УКИМ
48. Проф. д-р Златко Левков – Институт за биологија, ПМФ, УКИМ
Поддршка на протестот дадоа и следните организации:
Младите од Иловица и Штука
Ја штитам Беласица
Белог
ВК Актив
ВК Југоисток
ПД Ентузијаст
Tzar Tower Riders
Спас за Гевгелија
О2 Иницијатива
Зелените од Гази Баба
Зелен Хуман Град
Охрид СОС
Пробиштип Зелен Град
ДОМА
Мир, Слобода, Солидарност“