Деновиве излезе од печат најновото дело на струмичанецот Иван Котев – „Наведé се с’нце да зајде“, негова 15-та книга.
Станува збор за книга со фолклорни и етнолошки материјали од струмичкото село Робово, со која Котев на најдостоинствен начин му се оддолжува на родното место.
Според рецензентот, професорката Ана Витанова Рингачева, оваа книга претставува пребогат извор на автентични теренски материјали за народното творештво и народниот живот на село Робово, навидум еден мал локален простор, но со огромна културолошка вредност. Ова вредно дело укажува на потребата од расветлување на ваквите мали сокриени и маргинални места на географската карта на Македонија, но места на кои се случувале значајни настани што народот ги засведочил и ги конзервирал во песна, приказна, легенда, предание, кажување…
„Сериозниот пристап поткрепен со научна акрибија, го прави Котев човек кој, не само што запишува и дешифрира материјали од терен, туку и истражувач кој го проучува фолклорот и изложува свои тези поврзани со него. На овој начин, Котев го зачувал од заборав стариот народен јазик на своите соселани, јазикот на своето детство, јазикот на кој неговата мајка му ги пеелеа најубавите песни, а неговиот татко му ја раскажал големата приказна за страшниот Араптази“, вели Витанова Рингачева.