Весело, разиграно, распеано беше синоќа во спортската сала во Куклиш, каде Културно-уметничкото друштво „Браќа Минкови“ од оваа населено место го одржаа традиционалниот Годишен концерт.
Деведесет играоци од различни возрасти, заедно со своите гости два часа направија публиката да ужива во македонскиот ритам, во традиционалните игри и песни. Ги заиграа „Калајџиско“, „Повардарие“, „Водарки“, „Малешевка“, „Комитското“, „Црногорка“, „Радовишкото оро“… Ечеше „Бисер Балкански“, но и „Опа-оп-са-са“ на Гоцето…
КУД „Браќа Минкови“ од селото Куклиш, општина Струмица опстојува точно 52 години, и е еден од најстарите ансамбли во Македонија, кое покрај дома во својата земја, на познати манифестации, играорците имаат чести настапи и во европските земји меѓу Македонците, соработувајќи со голем број македонски друштва во дијаспората. Годинава заиграа во Швајцарија, Турција, Босна и Херцеговина и Италија, претставувајќи ги традиционалните македонски ора, но и обичаи на македонскиот народ.
КУД „Браќа Минкови“ продолжува да ја негува богата македонска традиција и култура носејќи ја низ светот, создавајќи нови пријателства и разбирања не само меѓу „нашинците“ туку и меѓу народите од земјите кадешто ги одржуваат своите настапи.