На стрелиштето кај селото Водоча во организација на Ловното друштво „Беласица“ од Струмица денеска по 30-ти пат се одржа Меморијалниот турнир во стрелање на летачки мети „Ване Арапов 2023“.
Претседателот на Ловното друштво „Беласица“, Марјан Даскаловски ги поздрави учесниците на турнирот посакувајќи им успеси во ова јубилејно 30-то натпреварување, а на гостите кој освен од струмичкиот регион ги имаше од повеќе ловни и стрелачки клубови во Македонија им посака да уживаат во турнирот на најдобрите стрелци.
Пред стартот на официјалното отворање на турнирот беа доделени плакети на Димитар Паланов, претседателот на ЛД „Беласица“ во времето кога започна да се одржува овој турнир, на Коста Поцков иницијатор за одржување на турнирот „Ване Арапов“, доаен на стрелаштвото во Македонија, на поранешните градоначалници на општина Струмица, Зоран Заев и Коста Јаневски и сегашниот градоначалник Костадин Костадинов, како и на поддржувачи, организатори и помагатели од регионот.
Стартот го означи внукот на Ване Арапов, младиот Ване, кој прв испука во глинените плочки. Потоа следуваше и натпреварувачкиот дел, екипно и поединечно, а стрелците се натпреваруваа во дисциплината „трап“.
Поединечно, првото место го освои Зоран Јованов, второто Бобан Тушев, додека третото место го освои Стојчо Иванов.
Во екипна конкуренција првото место го освои Стрелачкиот клуб „Самострел“, второто екипата на СК „Рефлекс“, а третото место СК „Стрелец“.
Инаку претходно, претставници на ЛД „Беласица“, заедно со семејството на Ване Арапов го посетија неговото вечно почивалиште на Градските гробишта во Струмица.