Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Струмица организира научен собир на тема „Епиманонда Поп Андонов и македонското народноослободително и антифашистичко движење за време на Втората светска војна (1941–1945)“, кој ќе се одржи на 6 и 7 декември 2022 година, (вторник и среда), во хотелот „Сириус“ во Струмица.
На научниот собир ќе бидат претставени нови истражувачки сознанија од периодот на Втората светска војна, тогашните прилики, со осврт на македонската народноослободителна борба и антифашистичкото движење во Македонија и нивниот удел во темелите на македонската држава, како и сознанија од теми поврзани со културните прилики во Македонија во повоениот период. Еден дел од рефератите се локализирани на струмичкиот крај.
Ова ќе биде четврт научен собир во чест на заштитниците на градот Струмица, Светите Петнаесет тивериополски свештеномаченици, кои се чествуваат на 11 декември. Овој научен собир е посветен и на годинашните јубилеи — 70 години Завод и Музеј – Струмица (1952–2022) и 150 години од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев (1872–2022). На научниот собир ќе биде промовиран и зборникот на трудови „70 години Завод и Музеј – Струмица (1952–2022)“.