Доктор Тони Балџиев, специјалист по дигестивна хирургија, вработен во ЈЗУ Општа болница Струмица, беше дел од престижниот IRCAD тренинг центар за минимално инвазивна хирургија во Стразбург, Франција, каде годишно се обучуваат повеќе од 8000 доктори од целиот свет.
Овој центар е меѓу водечките институции во светот во областа на лапароскопската и роботската хирургија, а учеството на д-р Балџиев претставува значаен професионален успех не само за него лично, туку и за струмичката болница и регионот.
Со учеството на оваа високо специјализирана обука, д-р Балџиев стана еден од ретките лекари од Македонија кои имале можност да се усовршуваат во IRCAD – центар познат по своите најсовремени техники и предавачи од врвни европски и светски клиники.
Обуката опфати интензивни сесии по напредни техники на лапароскопска хирургија, симулации и практична работа со најнова медицинска технологија, со цел подобрување на прецизноста и безбедноста во хируршките зафати.

Стекнатото знаење и искуство д-р Балџиев веќе го применува во секојдневната работа како дел од тимот на абдоминални и општи хирурзи во ЈЗУ Општа болница Струмица, каде активно учествува во изведување на лапароскопски хируршки интервенции, како што се лапароскопска холецистектомија, апендектомија и колектомија.
Ова професионално усовршување претставува значаен чекор кон унапредување на квалитетот на хируршките услуги во болницата, воведување нови минимално инвазивни процедури и обезбедување подобра постоперативна грижа за пациентите.
Инаку, д-р Тони Балџиев е познат и по тоа што во ноември 2022 година, за првпат во струмичката болница изведе лапароскопска ресекција на дебело црево – операција во која беше отстранета десната половина на дебелото црево кај пациентка на 48-годишна возраст. Овој зафат претставуваше значаен медицински исчекор за болницата во Струмица, бидејќи ваква процедура дотогаш не беше изведувана, а нејзиното успешно реализирање отвори можност за понатамошен развој на лапароскопската хирургија во регионот.
Со вакви вложувања во стручна доедукација и интернационални искуства, ЈЗУ Општа болница Струмица продолжува да ја гради својата позиција како здравствен центар што се стреми кон современи и безбедни хируршки третмани за пациентите.

Според д-р Тони Балџиев, лекарите од Хируршкото одделение при ЈЗУ Општа болница – Струмица, во областа на дигестивната и абдоминалната хирургија обезбедуваат сеопфатна здравствена заштита за пациентите. Тие успешно се справуваат со различни видови патологии – од полесни случаи до сложени карциноми. Д-р Балџиев нагласува дека, иако формално не се клинички центар, по нивото на стручност и посветеност ЈЗУ Општа болница Струмица се приближува до таквите установи, овозможувајќи на пациентите квалитетна здравствена услуга без потреба да патуваат до Скопје, каде што е концентрирана целата медицина.
Д-р Тони Балџиев, високо квалификуван и посветен хирург, кој со својата стручност и ангажман значително придонесува за развојот на здравствената заштита во регионот, најавува дека ќе продолжи со професионално усовршување и имплементација на најновите хируршки техники, со цел граѓаните да добиваат третман според највисоките европски стандарди. /Р.Ѓ./




























