Д-р Венко Филипче, денеска учествуваше на трибина посветена на здравјето во Прилеп каде пред 150 здравствени работници ја претстави програмата на СДСМ и Коалицијата во делот на здравството и планираните проекти кои директно ќе ги подобрат условите за здравствените работници и пациентите.
Во своето обраќање Филипче потенцираше дека голем фокус ќе биде ставен на задржување на лекарите и здравствените работници дома, процес кој е започнат во овој мандат.
„Прво вложивме во вас, затоа што вие сте столбот на здравствениот систем“ – им порача филипче на лекарите. „Добри услови за здрвствените работници како добри плати, едукација и безбедна средина за работа, се предуслов да ги задржиме дома. И на ова силно работевме и уште посилно ќе работиме во следниот мандат. Ја зголемивме основната плата на докторите специјалисти за 40%, на општите лекари за 25% на медицинските сестри помеѓу 20% и 23%“ – истакна Филипче.
Во следниот мандат Филипче рече дека СДСМ во програмата има план како да задржи најголем дел од лекарите дома, но и да понуди конкурентни услови за враќање на дел од оние кои заминале, а сакаат да се вратат и работат во Македонија.
„Клучен проблем е одливот на кадар. Како и секаде во регионот, така и кај нас многу лекари заминуваат за подобри услови во странство. Тоа е проблем на секоја земја во развој, но работници губиме во сите сектори, не само во здравството. Имаме план како да ги вратиме дома оние кои сакаат да се вратат и придонесат. Ќе обезбедиме европски плати, ќе им понудиме конкурентни услови и јас верувам дека можеме да вратиме дел од оние кои заминале. За секој лекар што ќе се врати во земјава веднаш ќе се обезбеди работно место, а ќе се издвојат и стимулативни средства во висина на месечните плати за време на работата во странство. Колку заработувале таму, толку ќе заработуваат и тука“ – рече Филипче.
Тој зборуваше и за тоа како СДСМ планира да ги подобри условите за специјализантите за кои СДСМ прв пат обезбеди плата и здравствено осигурување. Пред мандатот на Филипче тие работеа без приход и често беа приморани да ја напуштат државата.
„Вложивме многу во специјализантите, обезбедивме плата и здравствено за нив во минатиот мандат. Во следниот мандат за оние кои завршуваат и специјализираат ќе направиме се за да ги задржиме тука. Ќе понудиме загаринтирано вработување и одлични услови за да ги мотивираме да останат. Специјализантите ќе ги остварат сите права за текот на нивната пракса преку целосно вкупно здравствено осигурување и ќе добиваат месечен надоместок од почетни 60.000 денари“ – рече Филипче.