Државното средно училиште РЦСОО „Никола Карев“ од Струмица со проектот „Вклучување на европската стручна пракса во македонското средно образование“ е лауреат за Европската награда за иновативна настава (EITA) за 2024 година во полето Стручно образование и обука, соопштија од училиштето.
Наградата ги прикажува извонредните иновативни практики за настава и учење, имплементирани во рамки на програмата Еразмус+, а ја препознава и работата на наставниците и училиштата кои даваат извонредни придонеси во нивната професија.
Темата на четвртото издание на оваа награда беше добросостојбата во училиштата, со фокус на градење образовна средина која обрнува внимание на потребите, чувствителноста и можностите на учениците, на тој начин зајакнувајќи ја училишната заедница како целина.
Наградата во име на проектот ја подигна Марија Рашковска, проектен соработник на училиштето.
Освен свеченоста на доделување на наградените, се одржаа и значајни работилници за иднината на Еразмус+ активностите, придобивките, предизвиците и потребите на институциите, како и активните европски политики во областа на сите нивоа на образование.