Во средата Струмица и околината беа зафатени од обилен пороен дожд кој предизвика штети. Доколку и вие имате штета предизвикана од оваа природна непогода, општината ве повикува да ја пријавите.
„Им се соопштува на сите граѓани на општина Струмица кои имаат претрпено штета од поројниот дожд од 5 јули 2023 година дека може да поднесуваат барања до Комисијата за процена и утврдување на висината на штетата настаната од природни непогоди и други несреќи при Општина Струмица“, стои во соопштението на општината објавено на нејзиниот веб-сајт во четвртокот.
Според соопштението на општината, граѓаните кои сакаат да пријават штета од поројниот дожд треба да поднесат два документи во архивата на Општина Струмица, барање за процена на штета од природна непогода и изјава дека имотот опишан во барањето за процена на штета од природна непогода е односно не е осигурен во осигурителна компанија.
Во прилог на соопштението на општината на нејзиниот веб-сајт strumica.gov.mk достапни се обрасци за барањето и изјавата.
Градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов апелира граѓаните на општината да пријават материјални штети предизвикани од оваа природна непогода.
„Денеска разговаравме со комисијата за процена на штети, ќе бидат разгледувани барањата. Овде апелирам граѓаните да пријавуваат доколку имаат предизвикани материјални штети, без разлика на обемот на штетата. Секое барање ќе биде разгледувано од страна на комисијата“, изјави Костадинов за ВИС во четвртокот.