Дијаконија – Мис Стон Центар од Струмица е добитник на годишното признание „Вељо Манчевски“, кое го доделува Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи, за значаен и долгорочен придонес во верскиот и општествено-хуманитарниот живот во државата.
Признанието им беше врачено вчера на традиционалниот предновогодишен прием „Вељо Манчевски“, настан кој на едно место ги обедини највисоките државни претставници, верските лидери од сите верски заедници, како и претставници од дипломатскиот и академскиот живот.
Дијаконија – Мис Стон Центар беше наградена за својата континуирана и посветена служба кон најранливите категории граѓани, особено преку програмите за обезбедување храна, грижа и поддршка за лица во социјален ризик.
Од Центарот истакнуваат дека признанието го доживуваат како потврда за исправноста на нивната мисија, заснована на вера, солидарност и грижа за човекот, нагласувајќи дека тоа претставува и обврска со уште поголема посветеност да продолжат да помагаат таму каде што поддршката е најпотребна.
Ова е второ високо признание за Центарот Дијаконија – Мис Стон, по вчерашната Годишна награда на Општина Струмица „Свети Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“ за 2025 година.






























